СДС и Филипче се нервозни, фирма блиска до нив не го добила тендерот за обезбедување, кој до лани го добивала по цена за половина милион поскапо од сега. Филипче ја впрегнал цела партија во штитење на личен профит на поединци, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС и Филипче целосно се ставија во заштита на приватни бизнис интереси. Се утепаа од лажење да заштитат профит на блиска фирма. Ако сега тендерот за обезбедување ќе се извршува по цена пониска за половина милион евра, тогаш логички е да се запрашаат и ЈО и останатите институции каде оделе тие пари до лани. Оттука го повикуваме ЈО веднаш да отвори истрага како до лани услугата обезбедување е плаќана половина милион евра повеќе“.

ЈО, додава Петрушевски, мора да даде одговор на легитимната дилема дали половина милион евра кои ги наплаќала до лани фирмата за обезбедување завршувале дел во СДС, а дел кај тандемот Зечевиќ-Ковачевски, и претходно кај Заев.

„Со тендерот за избор на најповолна понуда за обезбедување е овозможена конкуренција и е засилена заштитата која ја добива државата во случај на неисполнување на задачите или нивно неквалитетно извршување, што е поткрепено со банкарска гаранција која фирмата добитник на набавката мора да ја издаде, а е во висина од 20 милиони денари“, посочува пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

СДС, според него, може само да гледаат како се работи домаќински и да ги бројат загубите на криминалните приходи кои до лани им течеле. А одговорност нагласи, за секој еден криминал ќе има.