СДС, Зоран Заев и Венко Филипче ги злоупотребувале АНБ, и Агенцијата за разузнавање, го прислушкувале претседателот Христијан Мицкоски, новинари, и бизнисмени.

Службите за безбедност и разузнавање во периодот од 2019 до 2024 година, наместо за државата, работеле за СДС, а со цел политички прогон и хајка против ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски, замолчување на новинарите и уцена на бизнисмените, кажа на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, како што додаде, е скандал од невидени размери.

„И тоа, токму од партијата која на власт дојде со проект “Вистината за Македонија”. 7 години потоа вистината е поинаква, грда, но и болна.

СДС како тогашна власт ја следела опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ. И сега сигурно ќе се правдаат со разно разни белешки, инструирани и фабрикувани случаи за надворешно влијание, измислени и наместени причини. Но, реалноста е болна, а тоа е дека употребувале државен апарат за политичка елиминација.

Според сознанијата кои ги имаме претседателот Мицкоски, неосновано и со една единствена цел, политичка елиминација бил ставен на оперативна обработка од страна на службите кои ги водели кадри на СДС“.

Според Петрушевски, АНБ на Виктор Димовски и Заре Милошески, како и АР на Еролд Муслиу го следеле Христијан Мицкоски, неговото движење, неговата комуникација и неговото делување.

Како што оценува, следењето на политички противник, заради негова политичка елиминација со помош на државни ресурси е крајно тоталитаристички чин и метод, кој не е виден никаде во развиените западни демократии, особено не во последните 100 години.

„Тоа што Уставот го гарантира, а тоа е слободата на движење, слободата на говор и политичко организирање му било загорзено на претседателот Христијан Мицкоски од страна на СДС.
Овие сознанија кои ги имаме ние, но и во многу подетална форма, поткрепена со факти ги има и ЈО.
Наместо молк, очекуваме одговори, и одговорност. Наместо летаргија, одлучна акција.

Прашања на кои мора да одговорат се:

1. Кој бил одговорен да го следи издавањето на ПИМ мерките од 2019-та до 2024-та година? Дали е всушност сегашниот јавен обвинител Љупчо Коцевски? Ако тоа е така, станува сосема јасно зошто СДС и ДУИ не гласаа за негово разрешување. Дополнително, денес Венко Филипче е опкружен со истите луѓе кои прислушкувале и злоупотребувале државен систем. Истите тие се дел од понудата на СДС.

2. Кому и зошто му служеле прислушкуваните материјали? Во која европска држава се следи лидер на најсилна партија и новинари и медиуми? Дали со добиените информации се тргувало со влијание и се уценувале бизнисмени“, прашува Петрушевски.

ПОбара ЈО итно, и недвосмислено да отвори случај и да бара одговорност од Виктор Димовски, Заре Милошески и Еролд Муслиу и нивните политички наредбодавци во врвот на СДС.

Петрушевски вели дека тоа што во Македонија било пракса 5 години, а од кое му се гади на секој нормален човек мора да биде казнето и никогаш да не се повтори.