„Тоа што вие во Софија го читате во медиумите ние тоа го живееме во РС Македонија. Тоа е нашето секојдневие. Очекувам бугарското општество да помисли во еден таков аспект. Секој Божји ден одејќи на работа, излегувајќи на прошетка со семејството, додека се обидуваш да градиш кариера, насекаде го имаш чувството дека да си бугарски граѓанин е најжестоката аномалија што може да му се случи на еден човек. Да не речам нешто погрубо и да го искористам зборот хендикеп. Имаш чувството дека ти не си човек рамен со останатите и тоа е клучното прашање во пораката на претседателот Радев за кое што нема да кријам дека ме восхити. За прв пат Бугарија проговори на разбирлив за Европејците јазик. Се работи за тоа дека РС Македонија не ги исполнува условите од Копенхаген за започнување на преговори и присоединување кон ЕУ. Тоа важи посебно во поглавјето за човековите права и посебно во насока на дискриминацијата на луѓе кои што се самоопределуваат како Бугари“, изјави во емисијата „Брисел 1“ на бугарската телевизија „Bulgaria on air“, Петар Колев, претседател на партијата Граѓанско Демократска Унија во Македонија.
На прашањето на водителката Милена Милутинова што би направил ако има таква можност Петар Колев одговори:
„Првото со што ќе почнам е тоа што може да се реши веднаш. Ќе ги охрабрам луѓето што се чувствуваат како Бугари слободно да се самоопределат како такви во РС Македонија и да ги искористат сите свои права според македонскиот Устав. Тоа го прават Ромите, Албанците, Власите и сите други малцинства кои се граѓани на Македонија. Единствено само за тие кои се самоопределуваат како Бугари нема такви права. Зошто? Зошто еден човек кој е Бугарин треба да носи негативи заради своето етничко потекло? Треба ли да се срамиме од сопственото потекло и да го заборавиме? Тоа ли е цената што треба да ја платам јас за да бидам успешен политичар во Македонија? Клучно прашање е и зошто никој во Македонија кој што е успешен правник, обвинител, судија, политичар, министер, пратеник не открива дека има бугарско државјанство “, вели Колев алудирајќи на стравот кај луѓето од последиците ако откриеш дека си бугарски државјанин.
Според Колев дел од проблемите во односите со Софија се крие и во составот на преговарачкиот тим на РС Македонија.
„Ако јас сум на местото на денешните политичари во Скопје не би испратил како дел од преговарачкиот тим со бугарската страна човек кој што е студент на генерацијата на Правниот факултет во Белград и чиј татко е поранешен амбасадор на Југославија во Турција. Ние знаеме какви се односите на тие луѓе со официјален Белград. Станува збор за Методија Белевски. Тој е човек кој што зазема висока државна функција во македонското МНР како шеф на секторот за политика. И во времето на Груевски и во времето на Заев тоа е еден универзален капацитет во македонската дипломатија којшто во моментот е еден од луѓето што преговараат со Бугарија а ние многу добро знаеме какви се односите меѓу Белград и Москва. Јас не би испратил таков човек да решава за европската иднина на мојата земја и да преговара со Бугарија. Би испратил луѓе што имаат добро познавања од бугарскиот литературен јазик, би испратил луѓе кои се внатрешно убедени дека РС Македонија треба да стане член на ЕУ “, изјави Петар Колев.
Според него самиот факт што луѓе како Методија Белевски водат преговори со Бугарија и чекорите што се прават во таа насока покажуваат дека политичката елита не сака РСМ да стане дел од ЕУ.
Целиот разговор погледнете го во видеото:
Извор: Трибуна