Не треба да има само политичка, туку и кривична одгововорност за сите вклучени во аферата со издавање македонски пасоши на нарко босови од регионот и за оние што не ја вршеле работата како што треба, вели пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, во ексклузивно интервју за порталот Zoom.mk.

“Tреба да се отвори прашањето на одговорност и не може да застане никако на неколку референти што директно биле вклучени, значи се работи за широка организирана мрежа, се работи за огромни износи на пари што се во игра… Ова работа мора до крај да се расчисти и мораат да понесат одговорност тие што се директно вклучени, но и тие служби и старешини што потврлиле околу спречувањето на ваквата масовна појава“, истакнува во интервјуто Трајанов.

Тој тврди дека политичките партии поставуваат партиски кадри во МВР за да го штитат, а не да го откриват криминалот на носителите на јавни функции.

„Секоја партија сака да дојде на власт и прво што се фаќаат е да го контролираат МВР и АНБ и бараат погодна личност која ќе раководи со таа институција и ќе ги штити од можна компромитација или не дај боже од можна истрага“, тврди Трајанов.

Според него, мега скадналот со пасошите ќе предизвика тектонски пореметувања во земјата, пошироко во регионот, а и во Европа затошто за прва пат се случува да имаме масовно издавање на фалсификувани пасоши на опасни лица по нашата и вкупната безбедност.

„Затаил целокупниот безбедносен систем на државата, и разузнавање и контраразузнавање, да не зборам за МВР, којашто се соочува со крупни криминални афери, почнувајќи од аферата за масовно прислушување, бегството во Грција на двајца обвинети за 27 април, бегството на Никола Груевски, обидот за бегство на Мијалков, провалената операција околу борбата против дрогата во Скопје, во кој е вклучен висок полициски функционер. Тоа значи дека МВР мора да биде предмет на детална анализа и таму треба сериозни кадровски промени ако сакаме постепено да се етаблира оваа институција согласно нивните уставни и законски надлежности“, додава Трајанов.
Во врска со досегашната истрага за аферата со пасошите тој ја цитира народната поговорка, рибата смрди од глава, а ја чистиме од опашот.

„Ова е голема афера со тешки последици затоа што внатре во НАТО, каде што сме сега членка ќе има поинаков третман Македонија. Може да ги загрозиме евроинтеграциските процеси, меѓународниот углед на државата веќе е нарушен, односот на странските служби кон нашите ќе биде со резерва, да не зборуваме за повторно воведување на визен режим, што се надевам нема да се случи“, објаснува поранешниот министер.

Во нормални услови таквите појави службата против организиран криминал требало да ги сосече на почеток уште во 2019 година, да се разместат луѓето и да се направи сериозна конотрола да не се направи нов пропуст.

„Две, три или колку години се дозволило да се штанцат такви пасоши е крајно неодговорно, спротивно на методологиите на дејствување на службите за безбедност, но ќе видиме зошто така се постапило“, додава Трајанов.

Според него, криминалната операција воопшто не е едноставена, затоа што криминалците од висок калибар стекнале доверба дека во Македонија може да се добие пасош без да имаат последици.

„Биле вклечени многу луѓе, конспирацијата била огромна, но не може тоа да остане неоткриено од службите за безбедност бидејќи имало посредници, тие комуницирале преку телефони, интернет, доаѓале тука. И референтите што ги примале барањеата и тие што одобрувале, се уклопиле, имале свои интереси, земале пари, Но, системската контрола, системот за издавање на пасоши, оперативните служби во МВР, Агенцијата за национална безбедност, Агенција за разузнавање, да не добијат индикативни информации дека нешто се случува овде, дека тука има притисок од криминалци, наркобизнисмени, лица опасни по безбедноста на државите, тука нешто се случува, тоа не можам да го разберам“, се чуди Трајанов.|Zoom.mk