Силно невреме што ги погоди југоисточните делови на Австралија предизвика ненадејни поплави што изолираа неколку градови во внатрешноста на земјата, а некои жители мораа да се засолнат на покривите од своите куќи, соопштија локалните власти.

Руралните заедници во регионите Хантер и Среден Северн Коуст во Нов Јужен Велс беа најизложени на ризик, објави Ројтерс.

Во некои области, во текот на претходните 24 часа наврнале повеќе од количеството на четиримесечни врнежи.

„Се справуваме со огромна количина дожд. Земјата е веќе заситена со вода, реките се прелеваат, а дождот едноставно не престанува“, рече министерот за вонредни ситуации на Нов Јужен Велс, Џихад Диб.

Австралискиот метеоролошки институт предупреди дека во следните 24 часа може да наврнат до 300 милиметри дожд, што е три пати повеќе од просечните врнежи во мај.

Во градовите Тара и Гленторн, на реката Менинг, северно од Сиднеј, луѓето се качуваа на веранди и покриви, додека спасувачките екипи имаа тешкотии да стигнат до нив со брод и од воздух во текот на ноќта.

Комесарот за итни служби, Мајк Весинг, изјави дека приоритет е да се спасат најранливите и оние кои не можат да ги напуштат своите домови.

„Во моментов се фокусираме на луѓе кои се на покривите или на горниот кат од своите куќи“, рече Весинг.