Во Владата денес беше потпишан договорот од првата транша од проектот 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините.
Дел од тие средства ќе бидат реализирани во овој буџет, останатиот дел дополнет со оние средства коишто недостигаат ќе биде со следниот буџет за следната година.
Премиерот Христијан Мицкоски, на настанот истакна дека согласно првиот повик кој го објави Министерството за локална самоуправа денес се вклучени договорите за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4.1 милијарди денари.
„Ова е наше клучно ветување до граѓаните и е доказ за нашата посветена работа за инфраструктурни инвестиции и директна поддршка на илјадници граѓани. За само три месеци овој проект станува реалност и сега почнува процесот на она што ќе придонесе за промена на тешката реалност и отсуството на поддршка на општините“, рече Мицкоски.
За инфраструктурни проекти од областа на образованието и науката за 2024 година се издвојуваат речиси 133 милиони денари (132.619.804 денари). Со оваа одлука се опфатени општините Гази Баба, Битола, Липково, Боговиње, Кичево и други, а проектите се однесуваат на реконструкции, изградби и модернизирање на училишта и спортски сали и унапредување на условите за образование.
За инфраструктурни проекти од областа на транспортот ќе се инвестираат 2 милијарди и 800 милиони денари (2 786.655.032 денари). Опфатени се општини како Берово, Аеродром, Битола, Брвеница, Богданци, Босилово, Бутел, Валандово, Вевчани, Велес, Врапчиште, Гази Баба, Гевгелија, Гостивар, Градско, Дебар, Делчево, Демир Капија, Дебарца, Демир Хисар, Дојран, Долнени, Ѓорче Петров, Желино, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карпош, Карбници, Крива Паланка, Крушево, Маврово и Ростуше и други. Овие проекти се инвестиции во локална патна мрежа, коловози, патеки, пристапни улици.
За инфраструктурни проекти од областа на Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе се инвестираат околу 59 милиони денари (58.573.514 денари), кои ќе бидат употребени за изградба на нови детски градинки во Петровец и Гази Баба.
Во областа на спортот за што се потпишуваат договори во висина од 220 милиони денари (220.064.186 денари) и тоа за изградба на центри за спорт, рекреативни паркови, и спортски сали во Вевчани, Демир Хисар, Центар, Битола, Кавадарци, Чашка. За културата и туризмот се предвидени близу 200 милиони денари (199.460.590 денари) за реставрација на културни знаменитости, туристички атракции, музеи, домови на култура во Гевгелија, Пехчево, Радовиш, Гази Баба.
За проекти во областа на животната средина и просторното планирање ќе се инвестираат близу 630 милиони денари (629.263.261 денари) за инвестиции во изградба на атмосферски и фекални канализации, колектори, нови водоводи, регулации на реки и други проекти. Со оваа одлука се опфатени општините Василево, Берово, Шуто Оризари, Пехчево, Пробиштип, Тетово, Бутел, Могила, Делчево, Врапчишта, Липково, Кисела Вода, Чаир, Арачиново, Охрид, Росоман, Чучер Сандево и други.
Премиерот рече дека ова е историски најголемата инвестиција на централната власт за локалните самоуправи и ќе продолжат јавните повици се до целосно искористување на предвидените 250 милиони евра. До општините апелира да изработуваат квалитетни проекти кои ќе бидат реализирани.