Со ракоплескање и прегратки беше дочекан денес 19-годишниот Јован Костадинов од гиманизијата „Ванчо Прќе“ од Виница, кој спаси 21 живот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Од денес хероите имаат име – Јован Костадинов! Велат дека херојот не е оној кој бестрашно се бори, туку оној кој ја пружа раката за помош во моментите кога другите се изгубени. Но ти Јован не само што ја пружи раката на повеќе од 20 млади луѓе, туку и бестрашно се вивна во пламените јазици да ги спасиш своите врсници не размислувајќи за сопствениот живот. Бравооо Јован за херојството и несебичната поддршка, горди сме што си дел од нашето училиште“, вели Радмила Манчевска, психолог во гимназијата „Ванчо Прќе“.
Градоначалникот на Виница, Миле Петков, најави дека ќе предложи да се додели плакета за хуманост и храброст на Јован. Исто така ќе предложи да се додели и стипенија, бидејќи Јован е сега матурант за 4 годишни студии на универзитетите.
Утрово Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија изјави дека Костадинов е испишан од болницата во одлична состојба. Тој беше хоспитализиран седум дена, а од вчера е пуштен на домашно лекување. Јован беше примен на Клиниката поради белодробни тешкотии, односно поради вдишување зголемени концентрации јаглероден моноксид.
За храброста на Јован, говореше и министерот, Арбен Таравари кој потсети дека младото момче влегувало во опожарената дискотека повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати, за да им помогне на оние што биле заробени од пламените јазици.
„Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на целата нација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце“, напиша Таравари на социјалните мрежи.
„Макфакс“ по пожарот го објави сведочењето на мајка на момче кое Јован го спасил кобната ноќ на 16 март. Таа тогаш кажа: „Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот“.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 лица. Локалното население деновиве сведочеше дека без Јован, обезбедувањето и уште неколку храбри луѓе кои загинаа помагајќи на други, бројот на жртви ќе беше далеку поголем.