Демократите, кои го претставуваат обвинението против поранешниот претседател на САД во Сенатот, покажаа претходно необјавено видео од упадот во Капитол Хил.
На видеото се гледа како приврзаниците на Доналд Трамп ги бараат претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и тогашниот потпретседател на САД, извикувајќи „Обесете го Мајк Пенс“.
На снимката се гледаат судири меѓу демонстрантите и полицијата, на околу триесетина метри од просторијата каде се наоѓа Пенс со своето семејство, каде дел од собраните поставиле бесилка.
Видео материјалите се однесуваат на периодот од околу еден час попладне на 6 јануари, кога првата група приврзаници на Трамп се појави пред Капитол Хил и подоцна насилно упадна во зградата, сè до моментот кога заврши опсадата.
Демократите методички се обидуваат да докажат дека нападот врз Капитол не бил изолиран и спонтан инцидент по еден говор, туку дека тврдењата на Трамп за измама на изборите во ноември, кои тој ги презентираше пред своите приврзаници со месеци, ги поставија темелите за настаните на 6 јануари.
Сенатот во вторникот гласаше со 56-44 дека целиот процес е во согласност со Уставот.