Информациите коишто ги споделив со вас за можната суспензија на ИПАРД 3 програмата се покажаа како точни, истакна денеска на прес-конференција Љупчо Николовски, пратеник на СДСМ.
„Во петокот околу 16 часот, од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на ИПАРД 3 програмата, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3.
Одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици“.
Сето ова, додава тој, е под суспензија. Причината, како што вели, е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство.
„Тоа е директна последица на овој голем корупциски скандал и тотален колапс на системот што беше граден седум години заедно со Европската комисија и со многу наши професионалци.
Седум години дамка не фалеше на овој систем. Ова се случува, за жал, само во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2011 година, во ИПАРД 1, за жал останавме со 12% искористеност на европските средства и денеска, во 2025 година, во ИПАРД 3, повторно во време на ВМРО-ДПМНЕ.
За оваа одлука, според нашите информации, известена е Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство“.
Прашува зошто Владата ја криеше оваа одлука од јавноста викендот.
„Дали власта со премолчувањето на оваа одлука се обидува да ги заштити вмешаните во овој корупциски скандал? Министерот Трипуновски, наместо веднаш да преземе одговорност, или свесно ја крие ова информација од јавноста, или пак уште полошо, е неинформиран, што покажува неспособност и неупатеност во основните процеси во сопствениот ресор. Штетите за државата од овој голем скандал креиран од неспособноста на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ може да бидат големи“, нагласува Николовски.
Информира дека како претседател на Комисијата за земјоделство во Собранието, уште денеска официјално побарал детален извештај од Владата, Министерството и Платежната агенција.
„Тоа го барам писмено за причините за оваа суспензија, по што ќе иницираме итна тематска седница на Комисијата за да бидат преземени привремени мерки за заштита на земјоделците чијшто проекти се во тек, за да не се загубат веќе направените вложувања.
Ќе предложам измени во законската рамка при изборот на директор на агенцијата, но и за јакнење на независноста и контролните механизми на агенцијата со јасна одговорност за секоја злоупотреба, како и формирање на работна група со претставници од сите парламентарни партии и групи, но и со стручната и професионална јавност која беше секојдневно вклучена во реализацијата на ИПАРД 2, со цел подготовка на предлози за ревитализација на системот и помош за креирање на акциски план и обновување на довербата со Европската унија, час поскоро и враќање на можноста за аплицирање на повиците и склучување на договори од ИПАРД 3“.
Македонското земјоделство според него, не смее да биде заложник на партиски интереси и корупциски шеми.
Текстот (Видео) Николовски: ИПАРД програмата стопирана, власта молчи, илјадници земјоделци без исплата е превземен од МАКФАКС.






















