Азија е погодена од разорни поплави кои одзедоа стотици животи и загрозија милиони луѓе. Во Индонезија, спасувачките екипи се тркаат со времето за да пронајдат најмалку 400 исчезнати лица за кои се стравува дека се закопани во лизгање на земјиштето откако циклонските дождови го опустошија регионот пред речиси една недела.

Властите потврдија дека бројот на жртви само на островот Суматра надмина 440, додека бурите и обилните дождови низ Тајланд, Малезија, Филипините и Шри Ланка убија повеќе од 900 луѓе овој месец.

Индонезија е погодена од исклучително редок тропски циклон, Сенјар, кој предизвика катастрофални лизгања на земјиштето, однесе домови и поплави илјадници згради. Според Националната агенција за управување со катастрофи, луѓе се водат како исчезнати во провинциите Ацех, Северна Суматра и Западна Суматра. Помошта се испраќа по воздушен и морски пат, но некои села се уште се отсечени, а има и извештаи за кражба на храна и вода, објавува Би-Би-Си.

Уништувањето е предизвикано од исклучително голем и долготраен систем на грмотевици, изјави Ерма Јулихастин, експерт за клима во Националната агенција за истражување и иновации на Индонезија. Таа истакна дека просечните месечни врнежи од дожд за погодените области се околу 150 мм, додека некои области ја регистрирале таа количина само за еден ден.

„Ако падне над 100 мм за еден ден, тоа е екстремно, особено ако достигне 200 мм“, рече Јулихастин. Според неа, на 23 ноември, на западниот брег на Суматра паднале 160 мм дожд, а еден ден подоцна, на 24 ноември, дури 226 мм.

Југоисточна Азија се соочува со некои од најлошите поплави во историјата. Покрај Индонезија, циклонот Сенјар донесе обилни дождови и лизгање на земјиштето во Тајланд и Малезија, каде што загинаа околу 170 лица. Уште три лица загинаа во Виетнам додека се приближуваше тропската бура Кото, додека претходно минатиот месец дождовите во таа земја веќе одзедоа најмалку 90 животи.

фото/епа

Текстот (Видео) Незапаметени поплави во Индонезија: 440 мртви, повеќе од 400 лица се водат како исчезнати е превземен од МАКФАКС.