На социјалната мрежа ТикТок јавно е објавено видео кое нѐ згрози сите, а во кое гледаме вознемирување и изживување врз лавицата Бела, велат вработените од скопската Зоолошка градина во објава на Фејсбук, како реакција на непријатното видео коешто веќе се споделува на социјалните мрежи.

– Во Скопје Зоо доаѓаат прекрасни посетители, нашите вработени се постојано на терен, но некогаш и една минута е доволна за некој несовесен да го направи ова. Снимателот и лицето од видеото ќе бидат пријавени во полиција, а Зоо Скопје отсега ќе има и дополнително обезбедување. Нема да дозволиме никој да ја загрози благосостојбата на животните! Лицата ќе одговараат за ова дело, стои во нивната објава.