Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја изјави дека во денешниот терористички напад врз комплексот на турската воздухопловна индустрија во главниот град Анкара загинале четири лица, а 14 се ранети, јавува новинската агенција „Анадолија“.
Тој потврди и дека се неутрализирани двајца терористи.
Јерликаја го посети местото на нападот и им изјави на новинарите дека нападот се случил во 15:26 часот по локално време.
Тој изјави дека безбедносните сили веднаш пристигнале на местото на нападот.
More Footage showing the Terrorists who carried out today’s Bombing and Shooting Attack on the Headquarters of the Turkish Aerospace Industries in Ankara, Turkey. pic.twitter.com/aGwXsdf1XG
— OSINTdefender (@sentdefender) October 23, 2024
„Неутрализирани се двајца терористи, жена и маж. За жал, имаме четворица мртви и 14 ранети. Меѓу ранетите, тројца се во тешка состојба“, изјави турскиот министер.
Истакнувајќи дека го осудува тероризмот, Јерликаја изрази сочувство до турскиот народ и на ранетите им посака брзо закрепнување.
„Работиме на идентификација на терористите. Штом се дознае нивниот идентитет, ќе ги споделиме со вас информациите за која терористичка организација станува збор“, рече Јерликаја.
По нападот се огласи и турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, кој упати најостри осуди за нападот.
Терористичкиот напад го осудија и НАТО и Русија.