Адвокат од Тексас имаше несреќна авантура откако на онлајн сослушувањето со еден судија се појави на екранот со мачешки мустаќи, уши и муцка бидејќи заборавил да го исклучи филтерот со мачка или пак несакајќи претходно го вклучил.

Судското рочиште одржано во округот Пресидио, Тексас, по пат на „Zoom“ стана вистински хит на интернет откако еден од адвокатите, Род Понтон, не успеал да го исклучи филтерот кој го прикажувал како мачка.

Видеото од сослушувањето кое трае помалку од минута е урнебесна комедија од секунда во секунда.

„Господине Понтон, мислам дека вашиот филтер е вклучен“, вели судијата Рој Фергусон на почетокот.

„Хмм, да. Ме слушате ли?“, одговара Понтон, а истовремено лицето на малата мачка во долниот десен агол навистина изгледа како да се срами.

Другиот адвокат, Гибс Бауер, ги става очилата и се наведнува кон екранот да проучи што се случува.

„Не знам како да го тргнам. Секретарката е тука и се обидува“, продолжил Понтон, предлагајќи сослушањето да продолжи.

„Спремен сум да продолжам. Тука сум во живо, не сум мачка“, а на тоа судијата одговара со: „Разбирам“.

Адвокатот не ни знаел дека станал хит на интернет, откако по еден час од сослушувањето започнале да го контактираат новинари. Имено, снимката е објавена на Јутјуб каналот на судот и самиот судија ја објавил и на Твитер.

„Ако успеав да ги насмеам луѓето во овие тешки времиња, среќен сум што тоа беше барем на моја сметка“, изјавил адвокатот.