За Кочани не се помага со прес конференции, туку со дела, а историјата на СДСМ на груба злоупотреба на трагични случаи станува препознатливо портфолио на политичкото делување на оваа партија, што само покажува во каква очајна состојба е оваа партија, во отсуство на реални проекти и политики со кои би го привлекле вниманието на јавноста, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Конференцијата на Унијата на млади сили на партијата што денеска се одржува во Велес.

Сакам да предупредам за скриената се поголема манипулација и свесно фрлање на прашина во очите на целата јавност која се прави со темата Кочани. Таму гледаме полека како едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко движење, каде од поддршка на ужасните жртви од ужасниот хорор во Кочани, говорат за катни гаражи, водоводи, канализации, исполнети неисполнети ветувања и се така по ред во духот на локалните избори. Паралелно со ова што тие го говорат тече и прекинот суд на прес-конференции на СДСМ“, рече премиерот Мицкоски.

Што се однесува до владината поддршка за Кочани, таа ќе продолжи, кажа Мицкоски и објави дека интензивно работи на проект кој ќе биде од историско значење за градот, и ќе помогне директно за животот на секој еден жител на Кочани.

Ова го работам заедно со канцеларијата на Европската Унија. Со тоа што историски, епски, драматично ќе го видоизмениме изгледот на подобро, на градот Кочани. Деталите за овој проект на кој интензивно работам очекувам многу скоро од денеска да бидат соопштени на македонската јавност, нормално откако ќе бидат финализирани сите детали“, истакна премиерот.

Преку соопштение, реагираа од СДСМ.

Во својата забеганост Мицкоски денес од Велес, врескаше и ги обвинуваше родителите дека од граѓанско движење полека се претварале во „политичка партија“. Овој наратив на Мицкоски сериозно загрижува, особено поради фактот што на овој начин се повикува на јавен линч на родителите на загинатите и повредените и нивните семејства. Забеганоста на ваквиот наратив е и во фактот што Мицкоски ја покажа својата лутина и гнев кон родителите, недостасуваше уште да ги обвини за трагедијата и за неговиот рејтинг“, стои меѓудругото во реакцијата на опозициската СДСМ.