На социјалните мрежи е објавено видео на кое се гледа началник во домот на директорка на училиште и вербална расправија меѓу него и синот на жената.

Началникот се слуша прво како вели дека е дојден да изврши претрес во домот на директорката, а после кажува дека таа треба да се јави на информативен разговор во полициска станица.

Во дворот на куќата е и екипа на Брзата помош, која му кажува на началникот дека жената има висок крвен притисок, а тој предлага на носилка да ја однесат во станица на информативен разговор по извршениот претрес.

На видеото се слуша како синот вика „Една мајка имам“, а на местото на настанот е и адвокатот на жената. Синот му објаснува на началникот дека кога ќе и заврши боледувањето на мајка му ќе дојде во полициска станица, но началникот инсиситира дека тоа мора да биде во моментот.

Во врска со видеото, од Обвинителството соопштија дека Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај.

„Поради сомненија за кривично дело – Фалсификување и уништување деловни книги, Министерството за внатрешни работи – ОВР Демир Хисар од Основното јавно обвинителство Битола побара издавање Наредба за претреси на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавено лице. Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети се уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, се наведува во соопштението./Макфакс

Текстот (Видео) Началник бара Итната помош на носилка да однесе директорка на информативен разговор во станица е превземен од МАКФАКС.