Откриени две илегални лаборатории за производство на марихуана во Скопје

На 14.09.2021, полициски службеници од Одделот за Крим полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога и опасни материи и полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода Ѓ.Г.(33) од Скопје. При претрес во неговиот дом на бул.„АСНОМ“, извршен со судска наредба, била откриена импровизирана лабораторија за производство на марихуана, при што биле одземени 71 стебло од растението канабис сатива, повеќе пакувања со марихуана, гранки во процес на сушење, тегли и други пакувања со семки од марихуана.

За време на претресот било утврдено дека лицето користи и друг стан на бул.„Партизански одреди“, сопственост на неговиот дедо. Исто така, со судска наредба, бил извршен претрес во тој стан и била откриена уште една илегална лабораторија за производство на марихуана. Притоа, биле пронајдени и одземени 81 стебло од растението канабис сатива, кои се одгледувале во специјално направени услови со инсталирано посебно осветлување и температурни услови. Во станот биле пронајдени и 12 помали саксии со насади, ламби, вентилатори, засилувачи и друга опрема за производство на марихуана.

Ѓ.Г. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање и расчистување на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 од Кривичниот законик.

Против лицето досега биле поднесени повеќе кривични пријави по член 215 од Кривичниот законик за што и бил осудуван.