Македонскиот репрезентативец Бобан Николов беше гостин на емисијата „Лазаров шоу“ каде зборуваше за историското учество на Македонија на ЕУРО 2020 кое се уште трае, а како што е познато, нашето учество заврши во групната фаза. Николов откри интересен момент. Имено, Горан Пандев на мечот со Холандија, кој беше последен во групната фаза, се прости од националниот дрес. Како што вели Николов, по тој меч на Горан Пандев му се јавил Жозе Мурињо кој плачел на телефон.
-Кога заврши мечот со Холандија, заминавме во автобус, стигнуваме пред хотел, седиме на задните седишта, и пред да излеземе, Пандев кој седеше до мене, ми вели дека има видео повик од Мурињо. Пушта камера, гледам дека е Мурињо, Мурињо почна да му зборува, и потоа да плаче. Го слушнавме јас и Стефан Ристовски, и сите заедно почнавме да плачеме, изјави Николов.
Како што е познато Пандев беше дел од Интер во 2010-та година кога италијанскиот тим под водство токму на Жозе Мурињо го постигна најголемиот клупски успех освојувајќи „Триплета“, односно домашно првенство и куп, а потоа и Лигата на шампионите.