Снимките кои излегоа во јавноста, на кои јасно се гледа односот на градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, кон жени вработени во Општината, претставуваат скандал и срам за државата, изјави Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, навредите, понижувањето и злоупотребата на службената позиција се однесување кое не му доликува на човек, а уште помалку на градоначалник.

„Најостро го осудуваме овој чин и бараме итна реакција од сите надлежни институции и организации, од Јавното обвинителство кое треба и мора да го провери овој случај, дали бил изолиран или пак станува збор за начин на делување на Дехари, па се до Народниот правобранител и сите организации кои ги застапуваат и штитат правата на жените“, рече Митева.

Таа додава дека нема простор за молк и дека ова е чин за осуда и санкционирање.

„Секој кој ја злоупотребува својата функција за навредување и вознемирување на своите вработени мора да сноси кривична, но и морална одговорност. Дехари со ваквото однесување ја изгуби секоја доверба, градоначалник кој покажал такво непочитување кон жените и институцијата што ја води, не ја заслужува довербата на граѓаните. И сигурни сме дека и албанската заедница се срами од ваквото однесување, бидејќи ова не е прашање на етничка припадност, туку на човечко достоинство и морал“, изјави Митева.