Провинцијата Конија се наоѓа во јужниот дел на Анадолија. Ова место има историска вредност, оти било населено пред многу векови. Сега има големи фарми со добри приноси, но, пред извесно време, започнаа проблемите.
Првите дупки во земјата започнаа да се појавуваат пред околу 15 години. Некои се сеќаваат како првите кратери се појавиле буквално пред нивните очи, но сега појавата продолжува да се шири со застрашувачка брзина.
Кружните јами во форма на инка се со дијаметар до неколку десетици метри и длабоки околу 100-150 метри. Земјоделците се плашат за своите посеви, но и за своите домови, бидејќи вакви бездни се појавуваат сѐ повеќе. До пред некоја година имало околу 200, но само лани година тој број се зголемил за три пати!
Климата на полуостровот е многу сува, со долги топли лета. Поради сушата, земјоделците се принудени почесто да ги полеваат своите земјишта. За ова се користат подземни води, како резултат на што се формираат огромни пештери под површината на земјата. Долните слоеви на почвата не успеваат да ја издржат тежината и се уриваат. Ова предизвикува огромни дупки во земјата, објаснуваат геолозите.
Земјоделците веруваат дека владата може да најде излез со создавање на унифициран систем за наводнување на полето. Тековите на подземните води што се влеваат во морето треба да се пренасочат кон плодни рамнини. Ова би го решило проблемот, но создавањето ваков систем бара пари и време.