Така наречениот отчет на градоначалникот Миле Петков и ДПМНЕ е најдобар доказ за четири години катастрофално и досега невидено лошо владеење на една локална власт во Виница, изјави кандидатот на СДСМ за градоначалник на Виница, Гоце Милевски.

Наместо вистински отчет, додаде тој, видовме обид за замачкување на очите на јавноста и бегање од одговорност за неисполнетите ветувања.

„Затоа таканаречениот отчет беше во скап хотел а не на улиците, во градот и селата во Виница. Затоа што реалноста е разочарувачка. Ниту еден од капиталните проекти од програмата на Петков и ДПМНЕ за Виница не се реализирани“, рече Милевски.

Според Милевски, Петков се фалел со наследени проекти од претходната власт на СДСМ и неколку асфалтирани улици.

„Но фактите говорат: сегашната власт нема реализирано ниту 20 километри улици, наспроти 45 километри изградени во времето на СДСМ. Виница денес изгледа како мала депонија од не собереното ѓубре и смет, собирен центар за кучиња скитници, со небезбедни кратери од вода и хаос од неправилно паркираните возила, со запуштени зелени површини и ниту едно ново засадено дрво. Тоа сликата за Виница после 4 години неспособна локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме оваа казна да продолжи уште четири години! Локалните избори се шанса за промени во Виница“, рече Милевски.

Текстот (Видео) Милевски: Виница 4 години назадува, катастрофално владеење на Петков и ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.