Изборниот процес пред првиот круг во Виница започна со насилство, инциденти и нарачани апсења на неистомисленици на ВМРО–ДПМНЕ, а сега продолжува со закани, уцени и казни на секој чекор, посочи на прес-конференција кандидатот за градоначалник на Виница од СДСМ, Гоце Милевски.

Како што оцени, веќе повеќе од година и пол, политичката, а во голема мера и институционалната моќ во Општина Виница, се концентрира во рацете на еден човек, Митко Костадиновски – Книжар.

„Координатор на Општинскиот комитет Виница, началник на шумска полиција на државно ниво и истовремено кандидат за градоначалник – еден човек кој, според бројни сведоштва и реакции од јавноста, има влијание врз сите институции во општината. Оваа концентрација на моќ не е случајна. Таа, според голем дел од граѓаните и јавноста, се одржува преку притисоци, уцени, поткупи и физички пресметки – не само со политички противници, туку и со сопствени партиски членови. Се зборува дека истиот човек одлучува кој ќе биде началник на полиција, секретар на општина, директор на училиште, раководител или вработен во институција – па дури и како ќе се преуредуваат училници во училиштата“.

Таквото владеење, додава Милевски, нема ништо заедничко со демократијата и разумот.

Тоа, како што напомена, не е начин на управување што води кон развој, туку кон страв, поделби и злоупотреба на институциите за лични и партиски цели.

„Твојот човек од народот“ на ВМРО–ДПМНЕ за Виница, според информации што кружат во јавноста, зад себе носи минато исполнето со контроверзии и сериозни сомнежи: поврзаност со случајот Детонатор, со ослободување на осомничен инспектор за пожарот во „Пулс“, со скандалот околу сечата на дрва во Малешевијата, како и со наводи за вмешаност во напад врз кандидат за советник од ромската заедница.

Изборот на Митко Костадиновски за градоначалник, според многумина, би значел ризик за иднината на нашиот град и на идните генерации.

Клучното прашање што останува без одговор е зошто досега нема ниту една негова јавна реакција или став за сите овие случаи“, прашува Милевски.

Упатува порака до виничани да не се плашат.

„Не дозволувајте да ве уценуваат или поткупуваат. Не прифаќајте притисоци, а секој обид за закана или репресија охрабрувам да го пријавите.
Исто така, упатувам порака и до симпатизерите и членовите на ВМРО–ДПМНЕ Виница:
Време е партијата да си ја вратите во свои раце и повторно да се борите со идеи, програми и визија – а не со страв и насилство.

Текстот (Видео) Милевски: Изборниот процес во Виница продолжува со закани, уцени и казни на секој чекор е превземен од МАКФАКС.