Милан дојде и до 11 победа во најсилното италијанско првенство и останува и натаму единствениот клуб без пораз.
„Росонерите“ денеска беа подобри од составот на Беневенто со резултат 0:2 на гостински терен и со трите бода повторно водат на табелата со 37 бодови, еден повеќе од второпласираниот Интер.
Во 15 минута од средбата на стадионот „Чиро Вигорито“ тимот на Пиоли беше во предност благодарение на голот на Кесје реализиран од пенал.
Иако од 33 минута гостите беа со играч помалку поради црвениот картон на Тонали, на стартот од вториот дел успеаја да ја зголемат предност со мајсторијата на Леао.
Домашната екипа можеше да го одведе дуелот во понеизвесен финиш, но во 61 минута непрецизен од белата точка беше Капрари.
Доколку се земе во предвид и минатата сезона, Милан нема пораз во шампионатот 27 последователни кола. После 15 мечеви собраа 37 бодови, што е најмногу во ерата кога три бодови се доделуваат за триумф од 1994 година.