Премиерот Христијан Мицкоски потсети дека во изминатите неколку недели актуелна беше темата за јавниот бесплатен превоз на студентите.

„Имајќи ја во предвид очајната финансиска состојба во Јавното сообраќајно претпријатие се наметна темата дали тоа воопшто ќе продолжи да работи, да функционира и се доведе во прашање имплементацијата на самата мерка за бесплатниот превоз на студентите. Станува збор за наследен проект и проект кој беше заглавен со многу недоречености и долгови.
Дополнително на ова, свесни за фактот што студентите се иднината на нашата држава, но и за тоа дека, секојдневно се соочуваат со големи предизвици, високи трошоци за школување, сместување и живот. Во вакви околности, јавниот превоз е еден од главните трошоци за студентите.
Затоа Владата на денешната редовна седница одлучи да му префрли 120 милиони денари на Градот Скопје, односно на Јавното сообраќајно претпријатие, за да може оваа мерка непречено да се реализира и следната календарска година. Тоа е едно дополнително олеснување на образовниот процес на студентите и една грижа помалку за нив, од финансиски аспект“, нагласи тој.

Според него, претходната Влада три години не обезбедувала средства за оваа намена и немала донесено таква одлука.

„Оваа мерка има се разбира и еколошки аспект. Поттикнувајќи ги младите да го користат јавниот превоз, намалуваме употреба на приватни возила, со што придонесуваме за почист воздух, помали емисии на штетни гасови и поздрави градови.

Сакам да истакнам дека наследивме Влада со многу проблеми, но ги решаваме, целосно посветени на она што преставува реална потреба на сите граѓани. И во последниот ден од оваа година сакам да посочам неколку работи. Надежта се роди и очекувањата се големи. Ќе работиме до ситните часови, и секој ден така, само за да не ги изневериме очекувањата на граѓани.

До сите граѓани, не очекува добра година на многу нови и убави работи“, вели Мицкоски.