Премиерот, Христијан Мицкоски, на Денот на полицијата – 7 мај, испрати порака дека нема компромис со криминалот. Според него, корупцијата и организираниот криминал немаат место во државата која сака да оди напред.

„Ние денес испраќаме силна порака: нема компромис со криминалот. Корупцијата и организираниот криминал немаат место во државата која сака да оди напред. Одлучни сме, како Влада, како институции, но пред сè како општество – дека оваа борба мора да се води со целосна посветеност, со вистински партнери и со чисти раце. ‘Правдата може да биде бавна, но никогаш не треба да биде слепа’, велат. Наша задача е да и ги отвориме очите – преку професионална, етичка и непоткуплива полиција. Полиција која ќе го гони криминалот, без оглед на тоа дали стои зад маска, позиција или пари“, рече Мицкоски.

И токму затоа, додаде тој, инвестираме и ќе продолжиме да инвестираме во полицијата, ќе вложуваме во технологија, опрема, обука, но и во достоинството на полицајците.

„Вашата мисија е света – да чувате поредок, но и да вратите доверба кај народот. ‘Кога правдата замолчува, неправдата станува гласна’, рекол еден мудар човек. Но со вас – со вашата работа, посветеност и пожртвуваност – неправдата останува без простор. Таа се повлекува пред чесната, решителна и модерна полиција“, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека полицијата не е само униформа и службена должност туку полицијата е човек. „Човек што станува порано од сите, излегува на терен и се соочува со ризици од кои сите ние се обидуваме да се заштитиме. Тој човек – полицаецот – не размислува само за својата безбедност, туку и за нашата“, рече Мицкоски.

Тој уверува дека во Македонија нема место за врски, непотизам и заштита од одговорност и дека законот важи за сите.

„Криминалците се шетаа слободно, државата молчеше, а граѓаните живееја со чувство на немоќ. Имаше време кога институциите се користеа како алатка за лични и политички интереси, а не за правда. Пораките „ќе средиме“ и „ќе се јавам“ беа погласни од законот. Но тоа време е завршено. Сакам денес, јавно и гласно да кажам: Во оваа држава нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. Законот важи за сите – без разлика дали се работи за обичен граѓанин, функционер или бизнисмен. Силата на државата не се мери со привилегиите на поединците, туку со тоа дали правдата стигнува до сите – и до најмоќните, и до најмаргинализираните“, рече премиерот.

Тој им се заблагодари на полицајците за секоја ноќ без инцидент, за секој спасен живот, за секој криминалец што одговара за своите дела.

„Безбедноста не е само статистика. Таа е чувство. Таа е кога родител без страв го пушта своето дете во училиште. Кога една мајка спокојно се враќа дома во доцните часови. Кога секој граѓанин знае дека државата стои зад него. Тоа чувство ни го подарувате вие – полицајците. Затоа, со полни срца, ви честитаме. Среќен ден на македонската полиција. Да ви се заблагодариме за секоја ноќ без инцидент, за секој спасен живот, за секој криминалец што одговара за своите дела. Ви посакувам здравје, сила и секогаш – безбеден повраток дома. Бог да ве благослови и Бог да ја благослови нашата Македонија“, го заврши својот говор Мицкоски.