По повод почеток на новата учебна година, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски го посети ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во општина Кисела Вода.
„За мене претставува огромно задоволство и чест што можам денес да застанам пред вас. Ќе се трудам да бидам краток имајќи предвид дека трпението претпоставувам и жестината се на највисоко ниво и трпението на најниско ниво, ќе упатам само три пораки коишто ценам дека за мене се важни, но и за сите нас генерално како генерација се важни. Можеби за првпат после седум години, учениците во првиот училишен ден ќе ги имаат учебниците пред себе, нешто коешто е многу значајно, нешто коешто во минатото за жал изостануваше.
Ја користам оваа прилика да им се извинам на родителите што пред повеќе од 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денес после 15 години зборуваме за учебник за секое дете, но ви ветувам дека преку нова дисциплина, а тоа е вештачката интелигенција со којашто ќе се запознаат нашите дечиња ќе можеме да зборуваме за иднината и за предизвиците коишто ни ги носи иднината“, кажа Мицкоски.
„Можам исто така со задоволство да кажам дека за првпат после 7-8 години учениците во училиштата низ Македонија ќе имаат можност пред себе да ги имаат учебниците во странски јазици, англиски, германски и француски нешто коешто е многу важно за да создаваат пријателства надвор од границите на нашата татковина, Македонија.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам и на министерката за сето тоа што го направи изминативе 15 месеци за да можеме денес да зборуваме за ова што го зборуваме бидејќи знам колку часови состаноци сме имале поминати во организација за да можеме денес да го постигнеме ова и знам уште колку многу часови состаноци, организација ни се потребни за да го достигнеме нивото коешто стремиме и нивото коешто е потребно за нашите најмлади.
Му благодарам и на градоначалникот којшто знам што сè прави за да Кисела Вода го добие овој лик којшто го има денес и знам колку е тој сè уште амбициозен и сè уште има големи планови, не само за Кисела Вода и за Скопје и убеден сум дека во годините коишто следат тој заедно со својот тим ќе ги реализираат.
На најмладите и наставниците сакам да им порачам две работи. Ова се години кога учите за две многу значајни вредности, а тоа се семејството и татковината, нашата Македонија. Наставниците сум убеден дека вредностите коишто, најмладите првоодделенчињата ќе треба да ги дознаат за своето семејство за мама, за тато, за даде и за бато, но исто така и за она што се вика татковина, нашата преубава Македонија ќе го пренесат во вистински начин, во вистински дух, а тоа што првоодделенците ќе го научат сега ќе го практикуваат целиот свој живот“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Текстот (Видео) Мицкоски: Пред 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денес после 15 години зборуваме за учебник за секое дете е превземен од МАКФАКС.