„Денес зборуваме за една важна тема, која со годините многу малку била предмет на темелно студиозна анализа, ниту пак била предмет на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките кои треба да се превземат за поголем квалитет на услугите коишто ги добиваме од администрацијата. Но и иновациите како важен предизвик на тој план“, кажа премиерот Христијан Мицкоски.

„Ова е тема која не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваме како граѓани, туку и го обликува лицето на нашата држава.

Нашата визија е јасна: сакаме јавна администрација која ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност. Јавна администрација која нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори.

Во изминатиот период, сите сме сведоци на предизвиците со кои се соочува администрацијата. Бавни процеси, недостаток на дигитализација, понекогаш и недоволна транспарентност и отчетност. Но и партизацијата која е отворен проблем, исто како и недоволната компетентност визави приватниот сектор. Овие проблеми не можеме да ги игнорираме – тие се реални, а за нив треба да се најдат решенија.

Нашите цели за реформа опфаќаат:

1. Дигитализација на услугите: Обезбедување што е можно повеќе услуги да бидат достапни онлајн, на еден клик од граѓаните. Со тоа ќе го намалиме времето за чекање и ќе го задоволиме она коешто го очекуваат корисниците од нас.

2. Ефикасност и професионалност: Ќе се залагаме за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста.

3. Транспарентност и отчетност: Зајакнување на механизмите за надзор и отчетност. Секој граѓанин има право да знае како и каде се трошат јавните пари.

4. Намалување на бирократијата: Администрацијата треба да биде партнер, а не пречка за граѓаните и бизнисите. Работиме за поедноставување на процедурите и намалување на непотребните документи.

5. Вреднување на трудот: Потребен е систем за наградување на оние што работат вредно и чесно, за да ги мотивираме сите вработени во администрацијата да се стремат кон извонредност“, изјави Мицкоски.