Премиерот Христијан Мицкоски од реновираниот Клуб на пратеници, најави теренски активности по општините каде се градат капитални проекти.
„За мене задоволство е што сум денеска ете заедно и со Златко и со Ивица овде во овој реновиран објект, мислам дека треба така да продолжиме да се грижиме за имотот на државата бидејќи тој е заеднички имот на граѓаните. Има неколку работи коишто во периодот што следи јавноста ќе ги дознава, дел од имотот вклучително и оној каде што треба државниот врв да го користи и престојува не е впишан во имотен лист замислете, државата тоа го нема запишано ниту во имотен лист не е ни нејзина сопственост иако дефакто е така, но де јуре не е така и некако се поврзува практично ова почнување со работа на овој реновиран објект познат како Клуб на пратеници со кампањата којашто ќе ја правиме заедно со Златко во единиците на локална самоуправа каде што ќе почнуваме проекти коишто се дел од програмата на Влада за инвестиции во општините“, рече Мицкоски.
Додаде дека периодот којшто следи ќе биде динамичен, интересен, полн со многу проекти нешто коешто го бараат граѓаните.