Премиерот Христијан Мицкоски на вонредна прес-конференција кажа дека дискотеката имала фалсификувана лиценца издадена на 13 март 2024 година, потпишана од тогашниот државен секретар.

„Се работи за лиценца за кабаре“, рече Мицкоски и додаде дека без разлика што е фалсификувана лиценцата архивскиот број е од 13.03 2024, односно на 14.03 2025 таа била истечена.

На прашањето дали ќе биде разрешен директорот на Државниот пазарен испекторат, Мицкоски возврати со прашање по која логика и кој член на Законот да биде разрешен.

„Овој документ е фалсификат, лиценца нема, правен документ објектот нема од пред повеќе од една година. Овој документ е фалсификат. Дали Пазарниот инспекторат требало да излезе вчера токму во оваа дискотека, тоа не го пишува никаде во законот ниту во надлежностите на Државниот пазарен испекторат. Последен пат таму државен пазарен инспектор се појавил во 2022 година. Зошто не констатирал тогаш пропусти и недостатоци за кои што денеска јавноста виде дека постојат во самата градба и архитектура на објектот ќе следи дополнителна одговорност и истрага. Државниот пазарен испекторат не е надлежен секој ден во годината, тој не мора 365 дена во годината да ги контролира објектите“, рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека не е точно дека полицијата ги затворила вратите вчера.

„Полицијата не била таму да контролира дали има важечка лиценца, туку се вршела проверка бидејќи постоело сомневање дека се тргува со недозволени супстанци и дека во местото има малолетници. Полицијата доаѓа пет минути пред да се случи овој настан. Во тој момент група полицајци е со лице за кое се сомнева дека тргува со недозволени супстанци, а додека полицаецот кој загина врши легитимирање на гостите и констатира дали се или не малолетници.

Објектот е кабаре и според Законот за угостителство, кабарето не е надлежност на градоначалникот туку на Министерството за економија и има работно време од 22 до 04 часот. За се останато министерот Тошковски кажа“, одговори Мицкоски и замоли да не се шират шпекулации.

„Да не правиме естрада, покажете почитување кон жртвите“, додаде премиерот.

Во однос на тоа дали ќе поднесе оставка премиерот одговори:

„Прво ќе ги поразам сите овие кои го доведоа овој систем да биде корумпиран, а потоа ќе излеземе на избори пред граѓаните и тие се најголемата морална потврда за кредибилитетот за еден политичар“.

Тој додаде дека бил цел ден во Кочани, од шест часот утрово.

„Моралната димензија кај мене како човек секогаш постои. Немам никаква дилема. Осум месеци работам за да го поразам овој корумпиран систем. Сите ние треба да чувствуваме морална одговорност“, додаде Мицкоски.

Премиерот кажа дека не планираат вонредна состојба или вклучување меѓународни експерти во делот на истрагата.

„Повеќе од 20 луѓе се приведени или изведени пред обвинител на распит. Ќе излезат уште многу други работи кои што се катастрофални. Тоа што некој за пари фалсификувал лиценци е најмал проблем, како воопшто добиле лиценца од 2014 па наваму, па таа се пренесувала од едно, на друго на трето име, а потоа зошто е фалсификувана, па е препокривана со друга, а и двете се лажни. Тоа ќе го покаже истрагата“, рече премиерот и додаде дека ова не е единствен случај.

„Ова е само потврда дека вакви случаи има стотици, илјадници, кои на ваков начин уживаат од овој корумпиран систем“.

Тој кажа дека таа фалсификувана лиценца ја издало Министерството за економија, а потпишан е тогашниот државен секретар.

Премиерот најави дека од утре започнува голема акција во насока на проверка на сите документи, лиценци, дозволи за градба, дозволи за употреба, дозволи за работа на овие објекти.

„Јас сум убеден дека ќе најдеме стотици. Милиметар да недостасува ќе бидат затворени. Нема да има милост кон никого. Не сезона, свети сезона нека е. Овој објект е прошируван и легализирани се дополнителни квадрати“.