Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција извести дека ги посетил пациентите повредени во пожарот во Кочани, сместени во Скопје.

На прашањето според кои протоколи е тоа дозволено и дали има последици врз здравјето на пациентите со оглед дека не е дозволена посета ниту на семејството, тој одговори дека и вчера и денеска посетил пациенти и ги запазил сите протоколи побарани од медицинскиот персонал и докторите.

„И во текот на вчерашниот и во текот на денешнио ден нема да видите лице, ниту да слушнете и прочитате име на пациент којшто јас сум го посетил. Ќе ги погледнете сите слики, ќе видите како јас сум влегол. Да има и такви коишто влегуваа со камери и слично, но како што видовте и вчера и денеска јас никаде не влегов со камери и немам намера да правам ПР од сето ова. Фотографиите се во тил, нема ниту едно лице, многу внимателно ги биравме фотографиите за да нема ниту едно лице. Не го правам тоа поради ПР, туку го правам за да излезам пред вас за да не се кријам и за да зборувам отворено за сето она со кое се соочуваме. Ако е тоа проблем, подготвен сум да сносам одговорност. Мојата задача е преку медиумите да се обратам со пораки до граѓаните и тие пораки се важни за граѓаните, тоа е мојата цел“, одговори Мицкоски.