Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод големиот празник Илинден беше во струшко Ташмаруништа. Во неговиот говор, првиот човек на најголемата опозициска партија, направи лапсус, па наместо Илинден, го шеститаше Велигден.

Инаку, во својот говор Мицкоски повика на обединување на сите, за како што вели, да се тргне оваа најлоша власт. Испрати неколку политички пораки, а за Илинден порача дека додека трае споменот за овој празник, ќе трае и Македонија.

Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашето македонско верују, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слобода, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме, рече Мицкоски.

Тој истакна дека ова се најтешките години од независноста до денес.

– Знам дека ова време се најтешките години од независноста до денес, но сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја, и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила. Голораки, против најголемите, но со срце пламено, со храброст грамадна, рече Мицкоски.