Илјадници луѓе блокираа патишта во Србија, противејќи се на отворањето на рудник за литиум, за кој велат дека може да ја загади животната средина.
Полицијата на неколку места во Белград распореди сили за разбивање демонстрации, но активистите успеале да ги заобиколат на автопатот Ниш-Белград-Загреб. Демонстрации се одржаа и во Чачак, Крагуевац и Нови Сад.
Министерката за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ вели дека блокадата на патиштата е обичен терор од малцинството. Демонстрантите тврдат дека планираниот рудник на меѓународната корпорација Рио Тинто во западна Србија може да предизвика негативни последици по животната средина и да ги загади водата и земјиштето. Над 220.000 луѓе потпишаа петиција против рудникот на локацијата Јадар кај Лозница, а до уставниот суд беше испратено барање да ја оцени уставноста на локалниот просторен план со кој се предвидува експлоатација на литиум. Српскиот претседател Александар Вучиќ на почетокот на неделава изјави дека е нормално луѓето да протестираат, но дека „Рио Тинто“ во Србија не го донел тој, туку претставниците на поранешниот режим и сегашната опозиција кои учествуваат на протестите, и кои ги обвини за лицемерие.