„Буди моја ноќ“ е насловот на новата песна на талентираниот хрватски изведувач – Марко Кутлиќ. И не станува збор само за нова песна, туку и за нов, сосема поразличен звук. Продукцијата е мошне органска и секој инструмент е отсвирен во живо.
„Песната е сосема поразлична од сето она што сум го направил досега затоа што сè уште сум во потрага по звукот кој најдобро ме опишува. Самата композиција зборува за чувството кое повеќето луѓе го почувствувале – копнееш по некого, а немаш храброст да му кажеш“, вели Марко.
А еве зошто Марко сакал неговата песна да ја слушне и македонската публика.
„Досега не сум бил во Македонија, но желбата постои одамна. Кога одев во основно училиште многу сакав историја и географија. Ми беше мошне интересна антиката, па со самото тоа и освојувањата на Александар Македонски. Тоа е мојата прва средба со Македонија, а најмногу ја засакав кога се запознав со работата и животот на Тоше Проески, кој е мојот најголем пејачки идол и животен пример. Кога почнав да ги слушам неговите песни не можев да сфатам дека некој може да биде толку искрен и емотивен додека пее. Тој е сигурно еден од луѓето заради кои почнав да се занимавам со музика. Жал ми е што никогаш не добив прилика да запеам со него овде на Земјината топка“, вели Марко.
Но неговите музички познавања кога станува збор за македонската музичка сцена не завршуваат тука. Одлично е запознаен и со кариерите на Калиопи и Есма.
„Имав можност да се дружам и да пеам со еден македонски пејач со кој и ден-денеска знам да испијам кафе кога ќе се „уловиме“ некаде, а неговото име е Давид Темелков. Тој, ако се прашувам јас, е еден од најдобрите пејачи во регионот“, додава Марко и открива дека омилена македонска песна му е „Полско цвеќе“ од Тоше.
„Буди моја ноќ“ ја потпишува Марко во соработка со Вјекослава Димтер и Дамир Бачиќ, а за аранжманот и музичката продукција се погрижија Драган Брнас-Фудо и Анте Гело.
Композицијата излегува во исто време со спот во кој покрај Марко се појавува и младата режисерка и актерка Арија Ризвиќ, со која Марко неодамна победи на шоуто на ХРТ „Ѕвездите пеат“. Видеото е со потписот на Јосип Нинковиќ.