Министерка Весна Јаневска во само една година успеа да направи незапаметен хаос во образованието, целосно да го урне достоинството на просветните работници и да нанесе штета врз учениците, истакна на прес-конференција Јованче Манасков од СДСМ.
Образовниот систем, според него, Јаневска го има претворено во лабораторија за политички експерименти на ВМРО-ДПМНЕ на штета на учениците и просветните работници. Сега, како што вели, најавува затворање на 100 училишта и без срам вели дека треба да се пренаменат во старски домови.
„Ова е крајниот доказ дека Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ немаат ниту визија, ниту план за образованието. Не знаат што да прават, па ќе затвораат стотици училишта.
Училиштата се срцето на секое општество, тие се иднината на земјата. Очигледно Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ не ја разбираат ниту улогата ниту значењето на училиштето. Наставниците се понижени, нивниот труд е погазен целосно. Јаневска удри и врз учениците, и тоа врз најранливите, врз најчувствителната група ученици. Ги избрка искусните и обучени образовни асистенти и ги замени со партиски кадри. Наместо децата да го добијат лицето на кое му веруваат, добија непознати луѓе без искуство, но со членска книшка од ВМРО-ДПМНЕ. Јаневска го руши инклузивното образование за да вдоми партиски војници“, додава тој.
Оценува дека државниот просветен инспекторат е целосно ставен под лична и партиска контрола.
„Наместо независна институција, Јаневска го претвори во алатка за притисок, закани и политички реваншизам врз директори и наставници. Им се заканува со неисплаќање на патните трошоци на државните просветни инспектори, заканувајќи се од собраниската говорница дека таа е авторитетот на инспекторите. Донела Правилник за патните трошоци во нетранспарентна процедура со ретроградно дејство на штета на инспекторите. Со партиски подобните инспектори прави хајка, закани и притисоци врз директорите за нивно разрешување. Ова е брутална партизација на образованието!
Кои сте тоа ВИЕ, министерке, да одлучувате на кого ќе му остане мандат, а кого ќе смените? Директорите се именувани со мандат.
Ова не е ваша приватна фирма, туку образовен систем што мора да функционира според закон, а не според вашите партиски калкулации“.
СДСМ остро го осудува ова безредие, партизација и уривање на образовниот систем, додава Манасков.
Ја повика Јаневска „да ја прекине политичката злоупотреба, да ги повлече сите незаконски решенија и притисоци, и да отпочне итна, јавна и транспарентна дебата за сите образовни политики“./ Макфакс