Според Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, дел од правосудните органи, односно судии и обвинители, кои се инкриминирани и инфилтрирани од поранешната власт на СДС и ДУИ, се погласни во своите барања за зголемени плати, а правдата никако да ја донесат.

„Со само 2% доверба, една од најлошите статистики во светот, дел од судиите и обвинителите бараат да стигнат и до 360.000 денари плата, а за возврат наместо правда, тие стануваат активни чинители на неправдата.

Со кое лице овие правосудни органи, бараат зголемување на платите, дури поголемо и на оние најразвиени држави, кога за украдени 150 ќебапи се добиваат 3 години затвор, за кубење на коса се добива 4 години затвор, а за пожар во болница каде што живи горат 14 сограѓани, директорите на болницата добиваат по 1,5 година затвор. Секако, тогашниот министер за здравство, а сега актуелен претседател на СДС, Венко Филипче, кој е директно одговорен за овој случај, не е повикан ниту на разговор“.

Со кое лице, додава Манасиевски, бараат истите од 160.000 па се до 360.000 денари плата, кога, како што вели, годишно работат предмети под европскиот просек.

Според него, македонските судии и обвинители, работат годишно околу 170 предмети годишно, а просекот е нешто над 200 предмети.

„Со кое лице овие судии и обвинители бараат зголемени плати кога поранешни Врховни судии, членови на судски и обвинителски совет, се фатени со мито, па на крај се спогодуваат со други судии, за да не одлежат казна? Каде е тука правдата и одговорноста? Кој вели дека овие што им досудиле спогодба нема и понатаму да одработуваат и да се спогодуваат и со други криминални и корумпирани структури?

Поголемиот дел од судството и обвинителството се чесни и докажани луѓе во својата област. Но, не можат да дојдат до израз токму од овие корумпирани и до гуша заглавени судии и обвинители, кои одработуваат за една или друга партија, или за Струмичко Муртино или Кичевски Зајас?

Потребни се реформи, а не зголемување на платите. Секако нашите правосудни органи земаат едни од највисоките плати во регионот, а имаат само 2% доверба“.