Финалистот од минатата сезона, Мајами хит со 111:98 го совлада Њу Орлеанс пелисканс во првиот божикен НБА натпревар.

Ова беше прва победа за „жешките“, а воедно и прв пораз за Њу Орлеанс во новата сезона.

Гостите предводени од Зајон Вилијамсон подобро го отворија натпреварот и поведоа со осум поени разлика (9:17) но Мајами кон крајот на четвртината се врати во игра и по 12 минути имаа предност од три поени (29:26) по што не ја испуштија до крајот на натпреварот.

„Жешките“ беа фантастични во втората четвртина во која постигнаа 37 поени и во тие моменти се истакна Данкан Робинсон. Тој во првото полувреме постигна шест тројки од осум шута и го собори НБА рекордот за постигнати тројки во едно полувреме на божикен натпревар.

Во второто полувреме кошаркарите на Мајами имаа целосна контрола на резултатот и најблиску што успеа противникот да дојде беше минус шест во последната четвртина (91:85) но немаа сили да направат пресврт.
Најпрецизен во рекодите на Мајами беше Данкан Робинсон со 23 поени и 5 скока, Бам Адебајо постигна 17 поени, Драгиќ 18 поени  но голем пех за финалистот претставува повредата на најдобриот играч Џими Батлер кој во првото полувреме мораше да го напушти натпреварот. На спротивната страна, Зајон Вилијамсон имаше скор од 31 поен и 14 скока, а Брендон Инграм даде 28 поени.