Се соочуваме со реален проблем, платите во Македонија се уште се ниски, а трошоците за живот постојано растат. Работниците се борат да врзат крај со крај, а многу од нив размислуваат да ја напуштат државата во потрага по подобри услови. Од друга страна, и работодавачите сакаат да ги зголемат платите, но честопати не можат поради високите придонеси кои мора да ги плаќаат, истакна на прес-конференција Сања Лукаревска, пратеничка на СДСМ.
Затоа, како што најави, пратеничката група на СДСМ предлага законско решение кое ќе им помогне и на работниците и на компаниите, а ќе обезбеди и дополнителни приходи во буџетот. Денес ќе го образложам законот и клучните аспекти за тоа како би функционирал тој.
Со овој закон, кој СДСМ ќе го достави во Собранието, според неа, работодавачите во приватниот сектор ќе можат да ги зголемат платите на своите вработени за износ од 3.000 до 15.000 денари, без да мора да плаќаат придонеси за тој зголемен дел.
„Придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување се замрзнуваат на просекот од последните три исплатени плати на работникот.
Ова замрзнување важи во период од една година, што значи дека работодавачите нема да имаат дополнителен финансиски товар при зголемување на платите.
Кои компании за кои работници може да добијат ослободување?
За работници за кои компаниите исплаќаат нето плата која не повисока 65.380 денари
Вакви работници има околу 400.000 кои би можеле да добијат повисоки примања без зголемени трошоци за компаниите.
Ако ги преточиме овие бројки во примери:
Ако просечното зголемување на платата биде 7.500 денари за 400.000 вработени, тогаш вкупното покачување на платите на национално ниво би било 585 милиони евра.
Односно подетално, 400.000 работници × 7.500 денари во просек × 12 месеци = 36 милијарди денари или 585 милиони евра) дополнителен приход за граѓаните годишно.
Иако работодавачите нема да плаќаат придонеси за ова зголемување, тие сè уште ќе плаќаат данок на личен доход (10%), што значи дека во државниот буџет ќе се слеат 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данок на личен доход“, појасни Лукаревска.
Со ова како што нагласи работниците добиваат поголеми плати, што значи повисок животен стандард.
Компаниите не се оптоваруваат со дополнителни трошоци, што ги охрабрува да инвестираат во своите вработени.
Државата добива повисоки приходи, без да воведе нови даноци или да зголеми буџетски трошоци.
Оваа мерка е паметна, правична и издржана. Го поттикнува растот на платите, ја зајакнува економијата и создава стабилност и сигурност за работниците и компаниите.
Ги повика парламентарното мнозинство и Владата да го поддржат овој закон.
Нема никаква оправдување, кажа таа, зошто ова законско решение не би било изгласано. Ова не е политичко прашање – ова е прашање на животниот стандард на граѓаните.
„Ако власта го одбие овој закон, тоа значи дека свесно се спротивставува на зголемувањето на платите и на подобрувањето на економската состојба.
Очекуваме одговорност, очекуваме поддршка и очекуваме сите пратеници во Собранието да застанат зад интересите на граѓаните.
Платите мора да растат, време е за вистински мерки, а не за празни ветувања“, истакна пратеничката на СДСМ.