Уште една епизода на расипништво, аздисано трошење на парите на народот и целосна одлепеност на власта за реалните потреби на граѓаните, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Само во првите пет месеци од оваа година, според неа само дел од институциите под капата на власта склучиле договори за мобилна телефонија и интернет во вредност од 2,9 милиони евра.

„3 милиони евра, пари на граѓаните. Ако се додадат на ова и сумите од сите министерства, МВР агенции, и така натаму бројката е огромна. Во време кога народот нема за леб, инфлацијата расте и го јаде животниот стандард, во време кога луѓето пресметуваат дали да купат лекови или храна,
Кога болниците немаат основни средства, пациентите носат завои од дома, нема лекови.
Кога родителите во Кочани сами ги лекуваат децата повредени во трагедијата!
Додека народот во Македонија страда, власта троши милиони евра за телефони“.

Прашува, колку им е доволно на министрите да се најадат, да се напијат, да зборуваат на телефон, на сметка на граѓаните.

Додава дека оваа власт не знае за граници.

„Па за тоа ли ги задолжија граѓаните со 7 милијарди евра? За ова ли да плаќа нашиот народ?
Секој ден гледаме како ВМРО-ДПМНЕ ја користи власта не за да им служи на граѓаните, туку за да им се изживува. Народот крпи крај со крај, а функционерите на Мицкоски се луксузираат, па сега уште и со службени телефони“.

СДСМ, како што рече, бара власта веднаш да се откаже од оваа аздисаност и веднаш да ги намали драстично парите за луксуз на функционерите. Парите, нагласи таа, треба да се пренаменат за оние на кои им се најпотребни.

„Не може да нема пари за плати на народот, за болници, градинки, за загинатите и повредените од Кочани а функционерите да трошат 3 милиони евра за телефони“.