Владата вчера го потврди скандалот кој го објавивме и призна дека среде најголеми пожари 400-те пожарникари, кои помпезно ги најавуваше за ПР сè уште не ја добиле ниту првата плата, рече денеска прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Кузеска оцени дека „изговорите дека допрва ќе се исплателе се празно оправдување и потценување на граѓаните“.
„Млади луѓе, кои со месеци се ангажирани во општините, останаа без денар, а граѓаните без вистинска заштита во време на пожари и еколошки катастрофи. Заедничко за ова е неспособноста на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Додека народот се гуши во канцерогени честички, додека депониите и понатаму горат, а 20% од територијата е изгорена, власта на Мицкоски се занимава со лаги, манипулации, со напад на опозицијата измислени приказни за хибридни напади. Бројни калкулации и лаги за спасување на рејтингот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, опасни по живот. Повеќе не станува збор само за неспособност, не станува збор само за лаги туку за свесно загрозување на здравјето и животот на луѓето! Граѓаните на Скопје дишеле олово, арсен и кадмиум по пожарот во Трубарево а власта молчела“, кажа Кузеска.
Таа додаде дека „наместо да алармира и да преземе итни мерки, наместо да даде соодветни препораки, наместо да организира евакуација и да го заштити населението, власта ги убедуваше граѓаните дека опасност нема“.
„Лично Христијан Мицкоски тврдеше дека загадувањето на воздухот не е големо. Оваа власт е неспособна, измамничка и без чувство за одговорност. Време е да одговараат и за пожарите, и за еколошката катастрофа, и за лагите со кои ги излажaа граѓаните и пожарникарите“, вели Кузеска.
Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Кузеска да престанат да шират дезинформации и да ја манипулираат јавноста.
Заврши времето кога работниците во државата СДС и ДУИ со месеци ги оставаа без плата. СДС и ДУИ ги оставија без плати со месеци вработените во АД Водостопанство и ЈП Македонски шуми. Тоа време заврши.
СДС наместо да ја пофали мерката за 400 пожарникари, ја злоупотребува за политичка кампања.
Фактите се дека ова е првпат во историјата на нашата држава да се имплементира мерка за вработување која целосно ги искористува расположливите ресурси, со цел да се заштитат граѓаните од природни катастрофи и да се подобри животната средина.
Што се однесува до исплатата на учесниците за оваа мерка која е наведена како 6.2 во оперативниот план и е наменета за заштита од пожари, средствата се обезбедени и не станува збор за никакво вонредно плаќање.
Лицата кои се вклучени во мерката се ангажирани на 08.08.2025 година, документацијата, извештајот за редовност, за исплата од страна на организаторот веќе е во тек и ќе биде испратена до Центрите за вработување по што ќе следи и исплатата.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи за граѓаните, со цел да им обезбеди подобар животен стандард и поквалитетни услуги“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Текстот (Видео) Кузеска: Додека народот се гуши во канцерогени честички, власта на Мицкоски се занимава со измислени приказни за хибридни напади е превземен од МАКФАКС.