Очекуваме дека конвергентниот извештај ќе го одрази тоа што Бугарија го има постигнато. Тоа што ние го гледаме од ММФ е дека критериумите за влез во еврозоната се исполнети. Извештајот ќе ја даде својата оценка во таа насока- за влез на Бугарија во еврозоната. Ова за БГНЕС го изјави извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева, пренесува Трибуна.
Таа потсети дека Бугарија е во валутен борд од 1997 година. „Имаме валута која е поврзана со еврото од 1999 година, односно ние де факто сме во еврозоната, а сега ќе бидеме и де јуре“, истакна Георгиева.
На прашањето на БГНЕС како го коментира тоа што претседателот Румен Радев побара референдум за датумот на приклучување во еврозоната, а потоа и се обрати до Уставниот суд и дали тоа на некаков начин ќе се одрази, Кристалина Георгиева одговори дека тоа е одлука и право на претседателот.
„Не коментирам она што е негово мислење. Ние коментираме факти. Фактите се дека Бугарија ги има исполнето критериумите за влез во еврозоната“, подвлече извршната директорка на ММФ и продолжи:
„Исто така, искуството од други земји покажува дека приклучувањето кон еврозоната носи значителни придобивки за земјата, го зголемува инвестициониот рејтинг – тоа значи повеќе инвестиции во Бугарија, повеќе работни места, создава услови за некои од секторите на економијата каде заедничката валута, еврото, ја прави средината поатрактивна, особено туризмот.“
Кристалина Георгиева посочи дека она што ги плаши луѓето е дали нема да се зголемат цените. Искусвото, според неа, покажува дека тоа не се случува, односно ако нешто денес чини 10 лева, ќе чини 5 евра. „Исто така, искуството покажува дека има некои во трговскиот сектор кои се обидуваат да ги измамат потрошувачите и дека кога државата сериозно се ангажира за да ги спречи тие обиди, резултатот е дека тие многу брзо престануваат. Тоа го видовме со Хрватите – тие се многу добар пример за Бугарија. Бев во Дубровник минатата недела – со своите очи видов дека туризмот многу добро се развива“, додаде таа и објасни дека луѓето се задоволни и животниот стандард е повисок.
Кристалина Георгиева им го посака истото и на луѓето во Бугарија.
На прашањето на БГНЕС колку е важно во наредните месеци да има политичка стабилност во земјата, таа повика да се запре до тука со зборовите: „Ние сме по економијата во фондот.“