Во емотивно обраќање пред Европскиот парламент, европратеникот Андреј Ковачев од редовите на ГЕРБ-ЕНП ги повика властите во Скопје да престанат со политиките на популизам и националистичка реторика, кои, како што нагласи тој, ја оддалечуваат Република Северна Македонија од заслуженото европско членство, пренесува Трибуна.

„Измачените граѓани на Република Северна Македонија ја чекаат својата заслужена европска иднина веќе повеќе од две децении, но политичарите во Скопје очигледно не брзаат и систематски го саботираат овој процес,“ порача Ковачев.

Тој остро ја осуди кампањата за прикажување на Бугарија како главен виновник за застојот на интеграцијата, предупредувајќи дека таквиот пристап ги поттикнува репресиите врз луѓето со бугарско самосознание. Во својот говор Ковачев ја спомена ситуацијата со г. Љупчо Георгиевски – еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во Северна Македонија, кој, според него, е изложен на притисоци, дискриминација и закани.

„Европската Унија не може да ги затвора очите пред ова. Мора да престане кршењето на правата на сопствените граѓани поради нивната етничка припадност,“ истакна тој, додавајќи дека споделувањето на историската вистина не смее да води до судски прогони.

Во однос на барањата на властите во Скопје за гаранции дека нема да има дополнителни услови, Ковачев потсети дека најголема гаранција се заклучоците на Советот од 2022 година и преговарачката рамка.

Европратеникот упати итен апел до македонските политички лидери:

„Не го губете повеќе време на вашите граѓани и почнете го преговарачкиот процес. Ние ќе ве поддржиме и топло ќе ве пречекаме во Европската Унија,“ порача Ковачев.

На крајот, тој ја изрази својата надеж:

„Нека, што поскоро, „да изгреe зората на слободата“ и на европската иднина на Македонија!“