Сегашната доктрина на ВМРО-ДПМНЕ нема ништо заедничко со историското ВМРО, тврди европратеникот Андреј Ковачев во интервју за Zoom.mk, одговарајќи на прашањето за антибугарските ставови на партијата.
Ковачев тврди дека ВМРО и Акционите комитети на тогашната територија окупирана од германскиот Рајх биле првите што ја пречекале и учествувале во бугарската администрација.

„Да се зборува сега дека се случило нешто спротивно, а имено дека Бугарите биле некакви фашисти, окупатори и не знам што уште, со што ја повторуваат идеологијата на комунистите е многу, многу жално“, оценува Ковачев.

Тој најави дека наскоро во рамките на Европската народна партија ќе се разговара за исклучување на унгарски ФИДЕС, која е единствен поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ од ЕНП.
„Ние сме покренале многу пати, и пред претседателот Туск и пред тоа пред Жозеф Дол, дека има проблем кога се продолжува со таа исклучително негативна кампања против Бугарија. Меѓу другото, јас неколку пати лично сум зборувал со Виктор Орбан по таа тема за т.н унгарски медиуми во Македонија“, вели Ковачев.

Според него, не е спорно дека луѓето имаат право да се изјаснуваат како Македонци, меѓутоа треба да се прифати и правото на останати, кои стават знак на равенство меѓу Македонец и Бугарин.

„Пред неколку дена видов фотографии пред Конзулатот во Битола, десетици да не речам стотици луѓе кои чекаат за документи. Не може толку лесно тие луѓе да се наречат предавници или пак дека нивните предци биле заблудени“, заклучува Ковачев.