Европратеникот од редовите на Европската народна партија (ЕНП), д-р Андреј Ковачев, информира преку социјалната мрежа Facebook дека Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент денес го усвои извештајот за напредокот на Република Северна Македонија во евроинтегративниот процес, јавува Трибуна.

Според Ковачев, и покрај обидите на шест европратеници од редовите на крајно десничарските, проруски и антиевропски сили, вклучително и претставници од новата група „Патриоти за Европа“ предводена од партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, предложениот текст од четирите главни европски политички групации сепак добил широка поддршка.

„Компромисот околу терминот ‘модерен идентитет’ останува цврсто поддржан од сите демократски политички сили во Европскиот парламент – ЕНП, социјалистите, либералите и зелените. Ова е значаен успех за европската перспектива на Северна Македонија и за позициите на Бугарија,“ наведува Ковачев.

Како што објаснува европратеникот, предложениот компромис, кој беше процедурно блокиран во комисијата, ќе биде директно внесен и ставен на гласање на пленарната сесија на Европскиот парламент во јули во Стразбур. Таму, како што тврди и колегата Михаел Галер, обидите за блокада од антиевропските сили нема да имаат ефект.

Во финалната верзија на документот не се содржат, како што нагласува Ковачев, „слободните интерпретации“ на премиерот на РСМ Христијан Мицкоски за „многувековен македонски идентитет“, кои тој ги повторува изминатите недели.