За два месеци ќе биде поставен камен-темелник за нова поликлиника во Бутел, а ќе биде изградена за 18 месеци, најавија денес градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски и министерот за здравство Азир Алиу. Поликлиниката ќе се гради на местото на амбулантата до општинската зграда, која минатата власт ја смести во пластични контејнери. Градоначалникот Костовски денешната прес-конференција рече дека има историски контекст оти се материјализира она што е најбарано од жителите на Бутел и околината.
„Станува збор за модерна поликлиника. Ќе се простира на околу 1.500 квадратни метри и граѓаните на општина Бутел ќе бидат опслужени и по однос на примарното и по однос на секундарното здравство. Тендерската постапка очекуваме да трае некаде околу еден месец. Откога ќе заврши тендерската постапка, откога ќе биде избрана фирмата, веднаш ќе бидат удрени темелите. Тоа очекувам да биде не повеќе од два месеци од сега. Во условите за градба, предвидено е градењето да трае 18 месеци, сигурен сум дека ќе стигне во тој рок. Бидејќи ќе се гради на местото на старата амбуланта, модуларната која е веднаш до Општина Бутел, матичните лекари кои во моментот работат таму ќе бидат дислоцирани во зградата на поранешниот дом ‘25 Мај’ во соодветни, квалитетни услови. Таа зграда има свој паркинг и е во срцето на општина Бутел, ќе биде пристапно за сите граѓани“, рече градоначалникот Костовски.
Иако тендерот го најавува на почеток на изборна кампања, Костовски уверува дека нема законски пречки да се распише оти поликлиниката е предвидена во програмата за работа многу време пред изборите.
За изградба на поликлиниката се обезбедени 117 милиони денари од кои 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто се од Општина Бутел која ја го предвиде новиот објект во Деталниот урбанистички план и обезбеди проектна документација за него.
Министерот за здравство Азир Алиу вели дека поликлинката во Бутел е пример за соработка на централата со локалната власт и најави дека за поликлиниката и покрај јасниот недостаток на кадар во јавните здравствени установи тој ќе обезбеди доволно лекари и медицински сестри кои ќе пружаат услуги и од примарно и од секундарно здравство во оваа поликлиника, а за тоа ќе извести на посебна прес-конференција.
Поликлиника во Бутел на местото на амбулантата се ветува на секои избори последниве триесет години. Таа беше предизборно ветување на сегашниот градоначалник Костовски и на минатите избори, кога уверуваше дека ако стане градоначалник додека се изгради нов објект на местото на пластичните контејнери во кои е сместена амбулантата, тој ќе им ја отстапи општинската зграда. Тоа не го направи, но денес кажа дека интензивно работеле на проектот со тоа што лани во февруари, едногласно во Советот го изгласале урбанистичкиот план, обезбедиле проект и успеале да договорат соработка со централната власт за да може тој да се реализира.
Текстот (Видео) Костовски и оваа изборна кампања ветува поликлиника за во Бутел: За два месеци ќе почне да се гради, за 18 месеци ќе да биде завршена е превземен од МАКФАКС.