Се случува тотален дебакл на економски план, економската политика на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е целосно промашена. Последните податоци на Државниот завод за статистика, покажуваат инфлација од 3,3%, вели Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.

Овие бројки, според неа, не се само статистика, тие се, како што вели, реалноста во секој македонски дом, во секое македонско семејство.

„Сѐ е поскапено. Животот за граѓаните со ВМРО-ДПМНЕ стана „купи ден – помини“.

Инфлацијата го јаде семејниот буџет, платите, но и самиот економски раст.

Ова е уште една потврда дека фалбите за некаков раст на БДП или дека сме биле 4 та економија во Европа нема никаква врска со реалноста, тоа е една голема лага.

Прво Мицкоски излажа за растот на БДП, не е 3,4% како што рече тој, туку 3%.

Но, кога ќе се спореди со поголемата инфлација од 3,3%, значи не само што нема раст, туку е негативен“.

Затоа, додава таа, и куповната моќ на македонските граѓани во споредба со целиот регион е најмала.

Како што оценува, македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53% и така натаму.

„Ова е тажната реалност. Животот во Македонија е неподносливо скап, народот има се помалку пари. Граѓаните преживуваат од ден за ден.

Купуваат се помалку, пресметуваат секој денар, одат во продавница со страв.

Наместо решенија и заштита на стандарот власта на ВМРО-ДПМНЕ реши да ги покачи платите ама само на функционерите.

За работниците – ништо, нема пари, власта има пари само за зголемивање на платите на фунционерите.

Без трошка срам министерката за финансии тврди дека повисоки плати ќе предизвикале инфлација“.

Ова, додава Костова, е врв на безобразие. Според неа, работниците не заслжуваат ваков однос, вакво понижување.

СДСМ, нагласи таа, бара итна промена на курсот, владата да преземе итни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и да ги покачи платите на работниците.