Во кругот фабрики во Штип, пред само неколку дена ѝ беше ставен клуч на уште една фабрика, чии работници останаа без плата, без здравствено и пензиско осигурување, без социјална безбедност.
Со Мицкоски и ДПМНЕ, фабричките погони се празнат и затвораат, работниците остануваат на улица, вели Кристина Костова, потпретседателкта на СДСМ.

„Индустриското производство паѓа, а за една година бројот на работници во индустријата е намален за 2,6 проценти. Ова е резултатот на лошите економски политики на Владата на Мицкоски и ДПМНЕ. Со овој податок јасно се потврдува дека и индустријата е во лоша состојба. Најсилен удар има во преработувачката индустрија, пад од 2,7 проценти, во рударството пад од 1,7, во енергетиката пад од 0,6. Странските инвестиции се преполовени за само една година.

Од јануари до август падот на бројноста изнесува 3,8 проценти“.

Овој пад, според неа е директен резултат на лошите економски политики на Владата на Христијан Мицкоски и ДПМНЕ.

Оценува дека без план за индустријата, без предвидливост и без сериозна поддршка за инвестициите и индустријата, економијата и натаму ќе биде во ризик.

Но, ова, според неа, не е единствен проблем во економијата.

„Нема реално зголемување на платите. На хартија нешто се менува, ама во паричникот ништо. Инфлацијата го јаде секој денар, стандардот паѓа, кошницата поскапува, а Владата не убедува дека сме биле четврта или шеста економија во Европа. Нема контрола на цените. Основните продукти се недостапни за илјадници семејства, маржите не се контролирани, инспекциите молчат. Економијата стагнира. Падот кај капиталните производи е 7,1 процент, што значи стопирани инвестиции и одложени набавки на машини. Тоа е јасен знак дека индустријата нема доверба во насоката на Владата. Енергетската политика е хаотична. Сметките за струја останаа високи, договорите непредвидливи, компаниите ја губат конкурентноста. Во вакви услови нема нови работни места, има само отпуштања“.

Како што вели таа аминистрацијата е партизирана, процедурите се бавни, повратот на ДДВ касни, извозниците чекаат. Кога државата кочи, економијата не може да оди напред.

Порача дека ова е владин неуспех.

СДСМ, подвлече таа, бара веднаш, план за стабилизирање на индустријата и стандардот. „Итни мерки за предвидливи енергетски договори за индустријата, зајакната контрола на цените во основната кошница, реален социјален дијалог за плати што ќе ја победат инфлацијата, деблокада на капиталните инвестиции и партнерство со извозниците“.