Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за култура Зоран Љутков, кое се однесуваше на неисплатените плати, непочитувањето на колективниот договор за исплата на платите на културните работници .

„МКажавте дека сте биле член на СКРМ во време на потпишувањето на колективниот договор, и јас очекувам – бидејќи вие секогаш сакате правда и исправување на криминал – дека, ако нешто било незаконско во тој колективен договор, требало да реагирате и да укажете, како што денес тврдите. Сакам да знам дали и зошто сега го напаѓате колективниот договор. Дали планирате да го промените членот 65 од истиот колективен договор?“, праша Костадиновска-Стојчевска.

Во завршната одредба на овој колективен договор, додаде таа, стои дека тој останува во важност до моментот на потпишување на нов колективен договор.

„Значи, тој е важечки според сите одредби. И вие знаете дека секогаш со мартовската плата во културата се прави усогласување со минималната плата, откако таа започна да расте. И токму моето прашање до вас: зошто не ги направивте новите решенија на време? Зошто урнек-решенијата се испратени на 10 април до установите, знаејќи дека имате безмалку околу 100 културни установи – 49 под Министерство за култура и 49 под локална самоуправа?И зошто дури на 10 април се добиени тие урнек-решенија и не се потпишани од тој што ги изработува? Дали не бевте во државата? Дали во Министерството за култура ова е времето кога се користат ланските одмори, па сега немате таму помош? Или имавте некоја друга намера?“, праша таа.