Длабоко сме трогнати и потресени од прес-конференцијата на партијата која владееше 7 години, а за само една година успеа да стане 5-та партија во Скопје. Со неизмерна тага, сведочиме на пропаста на партијата која изгуби стотици илјади гласачи, откако за личен интерес ги распродаде националните интереси и го урниса целиот систем, истакна на прес-конференција Тодор Конески, член на ИК на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Жал ни е, вели тој, што поделивме само 55.000 ваучери за електронски уреди, со што студентите ќе можат да користат напредни технологии, наместо да злоупотребуваат европски фондови за тренинг на магариња.

„Жал ни е, што реализираме реконструкција на сите студентски домови, наместо да ветуваме студентски град, кој 8 години тие не успеаја ни го започнат.

Жал ни е, што ќе изградиме зграда на Медицинскиот факултет во Штип, нешто што според вас е „назадување“ во однос на времето кога болниците се распаѓаа низ државата.

Жал ни е што почнавме со процес на дигитализација на универзитетите и воведување на е-индекс, и жал ни е што наскоро почнува реконструкција на спортската сала на УКИМ, како и проектите со кои младите ќе можат да купат свој дом, да основаат свое семејство или да започнат свој бизнис.

На ова ваше елементарно непознавање на младинскиот стандард и реалностите во државата, не ви замеруваме, само ви укажуваме.

Разбираме дека вашата партија нема повеќе ниту гласачи, а уште помалку млади луѓе кои се во контакт со вистинските проблеми, а можат и да понудат вистински решенија“.

Додека вие инвестирате во неколку поединци во вашата младина, кои повторуваат истрошени флоскули на Филипче и на Заев и да се срамат на националните телевизии, вели Конески, ние инвестираме во иднината, инвестираме во конкретни политики, мерки и проекти што младите ги чувствуваат веднаш.

„Ниту една смешна прес-конференција, нема да нè обесхрабри во нашата заложба да изградиме држава, во која секој еден млад човек може да просперира и да успее. Младите препознаваат работа, препознаваат квалитет и конкретна поддршка, а не празни зборови.

Заврши времето на апстрактни и нереални ветувања. Почна времето на мерливи резултати, на вистинска одговорност и на политики што го менуваат животот на младите денес, а не во нечија фантазија“.

Текстот (Видео) Конески: СДС со елементарно непознавање на младинските состојби во земјава е превземен од МАКФАКС.