На 15 ноември, во КСП Центар – Јадро во Скопје се одржа мултимедијалната вечер „Години на опасно живеење“ – урбан културен собир што ги спои перформансот, филмот, видеото, графичкиот дизајн и електронската музика во една динамична, но многу интимна вечер, јавува ИМА.
Интеркултурен хаб Скопје го отвори просторот за шест млади авторки и автори од најживата линија на скопската културна сцена, кои критички ѝ пријдоа на стварноста и храбро ги деконструираа општествените норми преку своите дела.
Перформансот „Вештини за оживување“ на Крсто Глигорјадис беше замислен како партиципативен метод на оживување. „Идејата ни е дека треба да отстапиме од конструктот дека за да бидеш жив, мора да си среќен. Веруваме дека ние сме живи и сме политички тела во сите делови од секојдневието“, вели Крсто, нагласувајќи дека е чест што перформансот и другите облици на уметност денес освојуваат простор во општеството и ги менуваат перспективите на гледање и критика.

Во видеото „Таа“, Ана В’чкова се фокусира на нецензурираните емоции и искуства од секојдневниот живот, гледани од женска визура. Таа зборува за хроничниот недостаток на искрено прикажани чувства и за невидливата автоцензура што ја носиме како резултат на општествените стигми и начинот на кој сме воспитувани. Затоа и одлучува да се „соголи“ – заедно со учесничката во видеото – и преку интимна, заеднички создадена визуелна приказна да стигне до катарзичен момент на ослободување и прифаќање, кој одекнува и на пошироко, општествено ниво.

Краткиот филм „Мавера“ на Батухан Ибрахим произлегува од лична мотивација, но отвора многу пошироко поле за читање на реалноста во која живееме. „Како општество сме на некој начин ‘среќни’ затоа што имаме многу материјал од што можеме да црпиме за нашите уметнички дела“, вели авторот, нагласувајќи дека негов интерес е „темната страна“ на човечката природа, онаа која најјасно излегува на површина во екстремни ситуации – а токму тие, за жал, кај нас стануваат секојдневие. Филмот е независен и самофинансирачки, работен по стандарди на долгометражен филм, а Батухан ја користи оваа прилика за да ги охрабри колешките и колегите да продуцираат повеќе независни филмови, бидејќи резултатите покажуваат дека тоа навистина вреди.

Графичката дизајнерка Теано Кардула зборуваше за дизајнот како за многу повеќе од „чиста естетика“. Сите нејзини размислувања и ставови за општествени промени, за сопствениот идентитет и за околината ги канализира преку визуелниот јазик, користејќи го графичкиот дизајн како алатка за комуникација со општеството, пријателите и заедницата на социјалните мрежи. Таа смета дека е наша обврска, како граѓани, да ја пронајдеме својата алатка преку која ќе испраќаме пораки – макар и најлокални, најмали – за да го подобриме општеството. Затоа и повикува и други дизајнери да бидат погласни, бидејќи во рацете веќе ја имаат една од најмоќните алатки денес: креативноста и визуелната порака во дигиталниот простор.

Диџеј сетовите на Соња Исмаил и Диџеј Џоџо – Ѓорѓи Пулевски ја заокружија вечерта со звук што ја претвори салата во пулсирачки подиум. Соња со својот слободен избор на траки градеше инклузивна атмосфера во која публиката се ослободуваше и спонтано се поврзуваше, додека Џоџо со длабоки бас линии и мелодични премини од хип-хоп до диско и хаус создаде урбан саундтрак на скопската ноќ. Нивните сетови не беа само музичка поддршка, туку вистински ритуал на заедништво, покажувајќи дека оваа сцена навистина им припаѓа на сите што веруваат во слобода и различност.

„Години на опасно живеење“ покажа колку е важно да се создава простор каде што уметноста не бега од политичкото, туку го именува, преиспитува и претвора во нови, чувствителни и храбри форми на изразување, отворајќи простор за емпатија, критичка мисла и културен активизам. Оваа вечер беше посветена на независната сцена, феминистичката и ЛГБТИ+ уметноста, како и културите на помалите заедници — сегменти што со години добиваат недоволна институционална поддршка. Поддршката на овие практики е вложување во плурализмот и различноста како носечки столб на современите културни политики.
Настанот е дел од проектот „Интеркултурен хаб Скопје“ на ЗГ Есперанца Светски културен центар, Институтот за медиуми и аналитика ИМА и КСП Центар – Јадро, поддржан од програмата „Ваха 3: Враќање на јавните простори преку уметноста и културата во солидарност“. Ваха е Иницијатива на Анадолу култур и Зуса, финансирана од Фондацијата Меркатор и Европската културна фондација.























