Колона камиони, шлепери и цистерни долга повеќе од два километри е заглавена на скопската обиколница иако сообраќајот за товарни возила утрово е пуштен, по неколкучасовната забрана поради пожарот кај Блаце кој се доближи до магистралниот пат кој води кон граничниот премин. Товарните возила утрово се наредени на обиколницата од пред клучката Мирковци, до клучката на која се врти кон Приштина.


Од МВР велат дека во овој момент нема никакви забрани за сообраќајот до и кон граничниот премин Блаце.

„Веќе не се во сила забраните, ниту за патнички ниту за товарни возила. Товарните возила од утрово се пропуштаат наизменично, во координација со косовската страна за да избегнеме дополнителен метеж“, велат од МВР за „Макфакс“.

Сообраќајот кон граничниот премин Блаце вчера попладне беше целосно сопрен поради голем пожар над магистралниот пат Скопје-Блаце. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК), велат дека пожарот кај Блаце е се уште активен, но делот околу магистралниот пат е изгаснат.

„Пожарот кај автопатот е целоно изгаснат. Пилотите кои утрово го гасат истиот пожар, но на друга страна, јавија дека се забележува мало чадење кај каменоломот, но тоа е во внатрешноста, далеку од автопатот“, вели портпаролката на ЦУК, Надица Вчкова.

Кај Блаце, во повисоките делови се уште гори мешана шума и ниска вегетација,а во гаснењето, покрај противпожарните бригади, учествуваат и два хеликоптера на МВР.