Нов спот и повторно од партијата на Красимир Каракачанов ВМРО-БНД, во кој е претставен Охрид и како што се вели се брани „бугарштината“. И претходно, за време на кампањата за претходните избори, на кои Каракачанов не обезбеди потребен број на гласови за влез во парламентот имаше спотови во кои се велеше дека Македонија е бугарска.
Македонското МНР се огласи со писмена реакција.
-Во напорите за засилување на дијалогот и зацврстување на довербата, сето во функција на унапредување на добрососедските односи, објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности, за кои заедно толку многу се заземаме. Очекуваме официјалните претставници на Република Бугарија да се оградат и ги осудат ваквите настапи на една од потенцијалните политички учесници во највисокиот дом на Бугарија, се вели во реакцијата на македонското МНР.